Се спремам за умирање иако не можам да замислам дека може да ме нема ни што значи тоа да ме нема. Не знам кај треба да одам. Се плашам дека ќе живеам долго во ова надуено тело, овој ковчег, овој непроветрен ходник, мислам дека долго ќе се спремам за умирање.
Ова нема крај, и мислам дека не се умира никогаш, а сите вие сте бледи холограми, тоа ми е пологично отколку да легнам некаде и само да затворам очи или да паднам со погледот така во празно, само да умрам и да ме снема.
Кога ќе се видам со баба ми никогаш не ми раскажува како умрела. Ми беше чудно кога и го спуштаа ковчегот и напишав писмо и го остадов до крстот. Како може холограм да мириса на лак за нокти, чорба и љубичици, овде некој нешто крие.
Бабо како ти беше кога умираше, ти кажаа ли кај да одиш? Ти дадоа ли да ги преслечеш тие пижами мокри од пот, од плунка, од инфузија, како ли ти ја наместија фризурата? Многу ти сум лута што ги заобиколуваш битните теми и раздолжуваш со рецепти за мусака ванилици питулици, а не си ми спомнала ни како си умрела ни дали има некој што ти покажува каде. Јас секој ден се спремам за умирање а ти молчиш како да е тоа нешто природно, нешто што само си доаѓа, а и двете добро знаеме дека за битните работи треба да се разговара.
Како може да ме нема, не разбирам, ми нема смисла, само така да се угасам?
Се спремам за умирање, поседувам што помалку, просто не знам кој би останал после мене да се погрижи за таквите ситници.
Имам скоро триесет години. Се плашам. Претешко заспивам вкочанета од страв, секоја вечер и цупкам со нозете додека не добијам грчеви. Понекогаш облакам папучи и палам цигара в кујна и си замислувам дека разговарам со некој на озбилни теми, тој некој обично не знае дека постојам.
Еднаш се разбудив со плачење и добив чаша црвено вино, ролетните беа спуштени, ги слушав комшиите, одеа на работа, а јас липав и липав и се гушев во солзи и виното што го испив плачејќи беше највкусното вино сто сум го испила во животот.
Страв ми е. Радмила, сè ти е во главата.
Еден ден кога ќе се случи тоа што ме плаши сите ќе бидат како пресечени, во шок, ќе се соберат во дневна кај нас ќе седнат во круг. Мајка му ќе пуши и ќе гледа во подот, ќе варат кафе, ќе зборат, тој ќе плаче, ама во себе. На никој нема да му се верува, тоа ќе го повторуваат, жената на другар му ќе рече боже никој не очекуваше, и тој ќе потврди, никој, и ќе вриснам од вратата лута, стварно лута, не лажи јас ти кажав знаев ЈАС очекував, ќе одмавне со раката ќе ме направи луда.
Никој во таа соба не осетил таков СТРАВ.
Ме боли нешто што е во исто време и длабоко посадено во мене и околу мене па се влече по ѕидовите во станот, ги облепува како сунѓер во лудачка соба и во мене е исто така меко, дебело, свирепо, зафаќа премногу место и денес ќе мораме да исфрлиме се што смета за да може удобно да се смести и да се шири, да расте колку сака. Испраќам уште една порака до светот која вели: јас сум зафатена. Луѓето сакаат тоа да го чујат за да ме остават на мира.
Значи, јас сум зафатена и веќе неколки саати се гледам во огледало и се трудам да се запамтам, вратот ми е потечен и наборан, лицето ми е жолто со две црни флеки над очите и преполна сум пори, боже јас стареам, јас се распаѓам, едно вакво тело не треба да биде повиено со толку многу иднини кога се што сака е да спие, долго да спие, во мрак и тишина.